Откако два пат по ред на платформата „Дома си е дома“ за промоција на домашниот туризам беа поставени слики од странство – зерото Конигсе во Германија а потоа и француското езеро, Анисе – од Министерството за економија велат дека целта на сликите била прикажување природа, а не да се промовира одредена дестинација во земјава.
Министерот за економија Крешник Бектеши, во одговор на новинарско прашање вели дека доколку некој во Секторот за туризам во Министерството за економија, сепак, направил намерна грешка, секако дека ќе биде побарана одговорност и ќе се преземат мерки.
Тој ја отфрли можноста дека можеби се работи за незнаење и рече дека им честита на Секторот за туризам во рамките на министерството за економија, кои само за 10 дена презедоа обврска да создадат платформа каде граѓаните на едноставен и транспарентен начин ќе ги добијат ваучерите.
За сликата веќе се извинивме, рече министерот, но додаде дека симболиката била да дадат пример и порака дека иако немаме море во земјава, сепак, како што стои на сликата, имаме езера и планини.
„Работиме на дополнителни слики од нашите туристички дестинации и ќе имаме прилика да ги смениме сликите“, рече Бектеши.





