Министерот за економија Крешник Бектеши иверува дека во земјава има има повеќе од доволна количина на брашно, млиновите имаат задоволителна количина залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар и дека не треба да се создава паника со непотребно купување.
Тој денеска беше во посета на млинот „Kokrra e Artë” во Порој, Тетово, за кој рече дека е еден од најголемите извозници на брашно во земјава и во моментот согласно последната одлука за забрана за извоз на одредени житарици, брашно, и масло за јадење сега продава само на домашниот пазар.
„Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина на брашно во домашните млинови, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките кои што го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови“, рече министерот Бектеши.
Министерот кажа дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица, што не значи дека не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот, по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза.
Министерот исто така кажа дека за применување на одлуките на Владата терен се инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), а согласно извештајот од минатата недела веќе се изречени и казни за трговците кои што не ги почитувале одлуките.







