„Бехтел и Енка“ ги вклучи машините во Македонија, премиерот мавтајќи со зелено знаме, даде знак за старт на изградбата на коридорот 10д

Одбележувањето на камен темелникот на автопатот Прилеп – Битола како дел од проектот за изградба на Коридорите 8 и 10д од изведувачот „Бехтел и Енка“ беше проследен и со почеток на градежните работи од страна на американско-турскиот конзорциум.



Премиерот Димитар Ковачевски, кој облечен во зелен флуоресцентен елек и мавтајќи со зелено знаме, даде знак за старт кој беше поздравен со аплауз од другите присутни функционери од Владата и гости. Потоа беше откриена и таблата по што сите погледи беа насочени кон багерите кои почнаа со копањето. Вицепремиерот Артан Груби, овој пат облечен во бела маица на која е отпечане бројот на коридорот 10-д, рече: „Подгответе се и качете се сите на овој воз што вози кон Брисел и кој никој нема да го запре“.

Градежните работи започнаа во присуство на државниот врв и останатите гости и претставници. Инаку камен-темелникот на Коридор 8 во Тетово на 4 април беше означен без лопати и градежна механизација. 

Нема подобар момент да се собереме сите овде заедно со пријателите на Северна Македонија, земјите-членки на Европската Унија и заеднички да го означиме стартот на градежните работи на инфраструктурниот проект којшто е најголем во поновата историја на земјата а кој се реализира овде во Пелагонискиот регион, рече пред присутните министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Според министерот Бочварски, од денеска изведувачот ги почнува подготвителните работи и геотехничките истраги на терен и во наредниот период, како што рече, ќе бидеме сведоци на огромно градилиште по целата траса на овој патен правец.