Поранешниот фудбалски репрезентативец на Швајцарија, Валјон Бехрами, ги искритикува своите тогашни соиграчи Гранит Џака и Џердан Шаќири за симулирањето орелски лет со рацете по нивните голови во победата над Србија од 2:1 на Светското ппрвенство во Русија пред четири години.
„Таа тема и денеска ја мразам. Тоа е фудбал, а не политика. На тој гест не му е местото на фудбалскиот терен. Тоа е глупост, не си играме војна. Мене во Косово тогаш ме обвинија дека не сум учествувал во тој гест. Играчите на Србија се мои пријатели, родени се по војната. Затоа на ова СП би требало само да се игра фудбал и да се игнорира сето останато“, изјави Бехрами, Албанец роден во Косово, за швајцарски „Блик“ во пресрет на римечот меѓу Србија и Швајцарија во групната фаза од претстојниот мундијал во Катар, на кој тој нема да игра, но во составот ќе бидат и Џака, и Шаќири.
На наведениот меч во Русија поведоа Србите, но во второто полувреме Швајцарците направија целосен пресврт, а славеа со голот на Шаќири во самиот финиш. И тој, и Џака, исто така Албанци со потекло од Косово, ги прославија погодоците со симболот на Голема Албанија, гест што го осудува бившиот соиграч на македонската фудбалска легенда Горан Пандев во Лацио, во Наполи и во Џенова.






