Поранешниот припадник на специјалните полициски сили Игор Спасов, кој 1,5 година беше во бегство по одлежување половина од 14-годишната затворска казна за убиството на Мартин Нешкоски во 2011 година, уапсен е во Софија.
На 18 август 2019 година Основниот суд во Штип по кој знае кој пат му одобри отсуство за лекување и требаше да се врати во затвор по два месеца, а откако тоа не се случи истата судска инстанца распиша потерница по него.
Експрипадникот на „Тигрите“ беше осуден за убиството на Нешкоски на прославата за победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори на 5 јуни 2011 година.
При посетата на затворот во Идризово во септември 2017 година со Спасов, кој таму ја издржуваше казната, се ракуваше премиерот Зоран Заев, што предизвика жестоки критики во јавноста.
Убиството на Нешкоски од Спасов, пак, покрај смртта на малата Тамара, беше една од главните цели на напад од СДСМ и т.н. Шарена револуција врз тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.






