Кредитната агенција „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ +“, со негативен изглед.
Негативниот изглед во потврдениот кредитен рејтинг е одраз на влошените ризици на јавните финансии и влошен економски раст на краток рок пред се поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Потенцијалната потреба за дополнителни мерки за фискална поддршка и недостаток на детали во врска со плановите за фискална консолидација на владата создаваат ризици за фискалната основа и среднорочната стабилизација на државниот долг, се вели во делот од соопштението на Фич кој не е објавен во информацијата објавен од министерството за Финансии.
Негативната перспектива се однесува на долгорочниот рејтинг на издавачот во моментов. Тоа укажува дека рејтингот може да се намали ако не се подобри сценариото врз кое се заснова рејтингот.
Соопштението од Финансии:
Како што нотира агенцијата, рејтингот на Македонија е поддржан од доброто владеење, позитивната бизнис клима, како и кредибилната и кохерентната макроекономска и финансиска политика конзистентна со долготрајниот фиксен девизен курс.
Aгенцијата предвидува годинава да се постигне економски раст од 3,9 проценти, и 4,3 проценти во 2022 година, при што истиот главно ќе зависи од пандемијата во РС Македонија и главните извозни пазари.
Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во една земја, и е еден од клучните индикатори кои потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.
Оценките на кредитните агенции влијаат на одлуката на инвеститори кои размислуваат за инвестирање во регионот. Кредитниот рејтинг позитивно влијае врз одлуките за инвестирање во една земја, што понатаму уште повеќе ќе влијае за повисок економски раст, повисок извоз, повисока вработеност и повисоки плати.
Агенцијата во својот извештај воедно нотира дека конкурентните трошоци за работна сила и покрај зголемувањето на платите, како и добрите владини политики насочени кон привлекување на странките директни инвестиции и прогресот на преговорите за членство во ЕУ исто може да придонесе за подобрување на изгледите за привлекување странски директни инвестиции.
Потврдата на кредитниот рејтинг на државите во време на пандемија исто така влијае и на намалување на трошоците за долгот на државата, со што се постигнуваат заштеди во каматите.
Имено годинава како резултат на добрите економски политики, но и на потврдата на кредитниот рејтинг од страна на кредитните агенции беше причина за издавање еврообврзница по историски најниска каматна стапка.
Агенцијата исто така во извештајот ги нагласува и стабилните девизни резерви.





