Базе: „Грција и ги ‘соблече гаќите’ на Македонија, а Бугарија ја ‘осуди на смрт’

„Грција и ги ‘соблече гаќите’ на Македонија, а Бугарија ја ‘осуди на смрт’ поради претензиите кон јазикот и националниот идентитет, анализира долгогодишниот новинар и публицист од Албанија Меро Базе.



Според Базе „проширувањето на ЕУ и евроинтегративниот процес на Македонија и предизвика вистински пекол“, откако Бугарија постави блокада на нејзиниот евроинтегративен пат, и смета дека „Македонија е фрлена како ‘месо за кучиња’ во ‘устата на национализмот на нејзините соседи“.

Овие ставови Базе ги изнесува во својата колумна под наслов „Албанија и Македонија се огледала, во кои ЕУ ги гледа национализмот и егоизмот на своите држави – членки“, што ја објави весникот „Бота сот“.

Базе пишува: „Европската унија не успеа да ги отвори преговорите со Албанија и Македонија по одлуката за блокирање од страна на Бугарија. Всушност, овојпат Македонија беше цел на напад, а Албанија настрада, оти е со неа во пакет. Целиот евроинтеграциски процес не се заснова на напредокот, или не, на Албанија или Македонија, туку на тоа што другите земји врз Албанија и Македонија ги решаваат своите внатрешни политички проблеми. Од оваа гледна точка, кредибилитетот на отворањето на преговорите е уништен и понижен, бидејќи овој процес, животно важен за Албанија и Македонија, другите земји го користат заради своите внатрешни политички интереси.“

Велејќи дека „проширувањето на ЕУ и евроинтегративниот процес на Македонија и предизвика вистински пекол на Македонија“, авторот на колумната дополнува: „Македонија како земја, чиј интегритет беше од витално значење за мирот на Балканот во 90-тите години на минатиот век и каде што САД ставија ‘сини шлемови’, за да ја претворат во тампон-зона против конфликтите на поранешна Југославија, 20 години подоцна беше фрлена како ‘месо за кучиња’ во ‘устата на национализмот’ на нејзините соседи. Грција ја блокираше повеќе од две децении во кој било процес на интеграција во НАТО и ЕУ, сè додека не ја принуди да ги смени името, текстовите во училишните учебници, да ги отстрани спомениците и имињата на улиците и аеродромите. Како што велиме на груб народен јазик, и ги ‘соблече гаќите.“

„Како да не беше ова доволно, Бугарија, која се чувствува како да и е ‘мајка’ на Македонија, сега ја блокираше со едногласна парламентарна одлука, што наликува на на смртна пресуда, поради нејзиниот јазик и национален идентитет, на кој Бугарија претендира. Двете блокади врз Македонија се во име на национализмот, неизлечива балканска болест, за која сите се надеваат дека ќе се излечи со идејата на Европската унија. И покрај ова очекување, Европската унија воспостави структура за прифаќање, која не ве прима во нејзините пазуви без дозвола на национализмот. Ова е големо разочарување не толку за балканските земји, туку за иднината на Европската унија, бидејќи таа, од надеж против национализмите и против бришењето на билатералните конфликти, се претвори во музеј за собирање на овие конфликти, каде едната страна има право на вето, а другата страна има право само да биде понижена.“ – заклучува Меро Базе во својата колумна во „Бота сот“ објавена минатата недела.