Како и пред две години, кога ја освоија европската круна, ракометарите на Вардар ги демантираа обложувалниците и со триумфот над Барселона од 29:27 се пласираа во финалето на Лига на шампиони!
Најтрофејниот европски клуб, кој ги доби и двата меча со македонскиот првак во груната фаза, на полувреме водеше со 16:9, а таа разлика ја имаше до 40. минута, кога на семафорот во „Ланксес арена“ стоеше 22:15. И тогаш почна херојското враќање на отпишаните, кои по 26:22 за противникот во 49. минута во наредните десет со серија 7:1 го свртија мечот во своја полза и на крајот ја испишаа една од највеличествените страници на (македонската) ракометна историја! Во стилот на Флензбург од финалето на ЛШ пред неколку сезони, составот на Роберто Парондо се врати буквално од мртвите.
Даинис Криштопанс беше недофатлив за каталонскиот гигант, завршувајќи го второто полуфинале во Келн со 10 гола од 14 обиди. Игор Карачиќ застана на ефект 5/8, Рожерио Мораеш ги реализира сите четири удари кон противничкиот гол, а точка на подвигот стави капитенот Стојанче Стоилов во последните секунди.
Во утрешното финале од 18 часот „црвено-црните“ ќе ги одмерат силите со веспрем, кој го совлада Кјељце со 33:30.




