„Нашиот триесетгодишен ‘пат кон Европа’ ни покажува дека не е доволно само да си на вистинскиот пат – мораш да се движиш со брзината, што се бара од тебе. Како да се постигне европската брзина во случајот со задачата што е пред нас: промена на Уставот со двотретинско мнозинство од пратениците? Така што ќе престанеме да расправаме за шансите за такво мнозинство и ќе се сосредоточиме на влогот: европската иднина на нашата држава. Ако ја загубиме од вид суштината, ќе загубат народот и државата.“ – вели професорот и поранешен министер за надворешни работи Денко Малески во својата колумна со наслов „Промена на Уставот: не за шансите, туку за влогот“, која ја објави „Фокус“.
„Со ново вето опасно ќе заглавиме“
Покрај другото, Малески пишува: „Единство немало ни на почетокот од независноста, кога државата сѐ уште не беше меѓународно призната, па политичарите ризикуваа да ја загубат, а камоли сега кога сме членка на ОН и на НАТО и си замислуваат дека е вечна. Она што се очекува од претседателот и од Владата е заеднички да се борат до последен здив за она, што веруваат дека е исправно. Своите убедувања треба да му ги објаснат на народот, а не да ни кажуваат колку е тоа неможно.“
„Потребно е да зборуваат за влогот, а не за шансите за мнозинство. А влогот е огромен и не смееме да го прокоцкаме. Зашто, ако дозволиме уште еднаш, како пред три години, да западнеме во ќорсокак, во ново вето, опасно ќе заглавиме. Претставниците на големите сили, кои ја држат рамката на светската политика, тоа јасно ни го кажуваа и во Скопје: ако не ја исполните зададената задача, ние не можеме веќе да ви помогнеме. Преговорите ќе се прекинат, а прашањето ќе се одложи за идни времиња.“
„Што ќе значи тоа за државата? Што добиваме, а што губиме? Држејќи се за суштината, секоја страна во македонската политика може детално да објасни каков е влогот: и тие што мислат дека ништо нема да се промени со запишувањето на бугарското малцинство и тие што сметаат дека со неговото запишување во Уставот се загрозува македонската нација.“
„Оние од политиката, невладините и интелигенцијата, кои се изјасниле против францускиот предлог и промената на Уставот, не се ангажираат во суштинска расправа, оние кои се изјасниле ‘за’ гледаат како да ‘спасат глава’ од нападите за ‘предавство’. Сѐ појасно станува дека македонско-бугарскиот спор можат да го решат само државници од двете страни на границата.“
Тоа се ставовите на докторот по политички науки и професор Малески, кој отворено застанува на страната на поборниците за внесувањето на Бугарите во Уставот. За разлика од него, магистерот по правни науки – Влатко Токарев во својата сјајна анализа најподобро опиша кои би биле катастрофалните последици од вметнувањето на „државотворниот бугарски народ во Македонија“ во Уставот.
Само за потсетување, покрај другото, еве што предупреди Токарев: „Со вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав Република Македонија станува држава и на бугарскиот народ. По Република Бугарија, втора држава на Бугарите. Со отворањето на Уставот, Бугарија ја добива уставната и законска основа, врз која ќе ги темелат сите натамошни свои барања за саморазорување на македонскиот народ и држава.“
„Со влегувањето на Бугарите во Уставот и законодавството во Македонија, би имале правен основ и рамка за сите свои понатамошни иредентистички барања кон Македонија на патот кон Европската унија, а согласно преговарачката рамка прифатена со Францускиот предлог. Бугарија нема намера да дозволи македонскиот идентитет полноправно да влезе во Европската унија.“
„Малцинските права ќе мора да се обезбедат за т.н. ‘самоосвестени’ македонски Бугари, чие верување е дека македонскиот етнос традиционално не постоел на територијата на Република Македонија. Наметнато од соседна држава со иредентистички намери, Македонија ќе се доведе до ситуација да финансира и поттикнува антимакедонска култура, историја и традиција. Македонската држава би имала законска обврска за помагање на великобугарска иредентистичка пропаганда и издвојување на државни ресурси за негирање на македонскиот народ.“





