Адвокатите на одбраната на обвинетите за убиството на Никола Саздовски на денешното рочиште побарале изземање на судијката Даниела Алековска поради „селективно“ водење на записникот.



Барање за изземање побара адвокатот Насер Рауфи, откако на негово прашање на сведокот Миле Алексовски во однос на неговиот исказ во обвинителството каде кажал дека „Никола удрил во метална кутија кога паднал“, судијката Алексовска рече дека „паднал до сандачето, а можеби и го закачил сандачето“.

Во тој момент Рауфи побара изземање на судијката Даниела Алексовска со цел да спречи да не биде казнет и дека записникот го водела селективно, пренесе МИА.

Сведокот Миле Алексовски ги препозна Бесир Беља и Скендер Демири, кои според обвинителниот акт заедно со Ј.Љ.(19), кој е во бегство, на 29 јуни годинава крвнички го претепале Саздовски на автобуската постојка пред фабриката „Алкалоид“ на булевар „Александар Македонски“ во Автокоманда.

„До мене беше покојниот Никола и девојката, дојдоа тројца дечки мислев дека се знаат, му побараа лична карта и почнаа да го удираат. Викав остајте го детето ќе викнам полиција. Тоа траеше околу минута, минута и пол. Детето падна од удирањето и удри на главата. Двајца дечки побегнаа накај колата „мерцедес“, а едниот го удри со нога на вратот. Ја запалија колата и отидоа“, изјави сведокот Миле Алексовски на рочиштето за убиството на Никола Саздовски.

Бесир Беља и Скендер Демири, се во притвор во затворот „Скопје“ во Шутка, а за третоосомничениот Јетон Љужа, кој се уште е недостапен за органите на прогонот е распишана домашна и меѓународна потерница.