„Се намалува инфлацијата, економијата расте и во време на криза, СДСМ го штити стандардот на граѓаните“, се пофали пратеничката Лидија Тасевска. Да не знае човек дали да (ѝ) се смее или да плаче.



Меѓународниот монетарен фонд во својата најнова проценка на состојбата во македонската економија прогнозира дека Македонија годинава ќе ја заврши со инфлација од 10 проценти, речиси двојно повеќе од предвидените 5,6 отсто од владејачката партија, која тоа го претставува како голем успех. А токму според инфлацијата, Македонија е во врвот не само во регионот, во кој полошо стојат само Унгарија и Србија.

Наспроти розовите очила на партијата на Тасевска, Светска банка драстично ја намали прогнозата за растот на македонскиот бруто домашен производ во 2023 година од 2,4 проценти во јуни на само 1,8 отсто во својот најнов извештај. Повторно, параметар според кој Македонија е при дното во регионот и по кој ММФ ја позиционира безмалку во рангот на Русија, на која во август двојно ѝ ја зголеми сопствената прогноза за раст од 0,7 на 1,5 отсто. Еј, Русија, која веќе втора година е во војна и под санкции од западниот свет!

Што се однесува до стандардот на граѓаните, пак, самите можат секојдневно да се уверат колку им е подобрен, како што тврди Се-Де-Се-то. Само едно влегување во самопослуга е доволно за соочување со „благодетите“ од економските политики на Владата на Димитар Ковачевски. Не поминаа ни две седмици од враќањето на цените на основните прехранбени продукти, експертутките по економија ем животен стандард двојно го зголемија данокот на додадена вредност за „луксузните“ производи, како овесни снегулки, сладолед, мајонез, чипс итн. И тоа им беше малку, па удрија и на додатоците во исхраната од типот на препарати за простата, за раст, за прочистување на црниот дроб…

И додека „генијалците“ од владините економски ресори смислуваат какви сè не начини за пополнување на бездната во државниот буџет со нови и нови зафаќања во џебот на обичниот граѓанин, Платформата против сиромаштија излезе со поразителен показател дека над половина милион жители на Македонија се наоѓаат под прагот на сиромаштијата, односно живеат со помалку од 200 денари на ден. Ако се земе предвид дури и фаличниот попис од пред две години, станува збор за речиси една третина од македонските граѓани!

Дека нешто и тоа како не чини покажуваат протестите на пензионерите, на земјоделците, на судската администрација. Арно ама, ситиот на гладниот не му верува, па додека министрите ги убедуваат дека не им е толку лошо, самите веќе неколку месеци си земаат плати повисоки за 78 отсто. И мува не ги лази, а камоли да го исполнат ветувањето за ревидирање на коефициентите што му донесоа, на пример, на Ковачевски двојно поголем личен доход од тој на српската колешка Ана Брнабиќ.

Ај што пет пари не даваат за обичните смртници, па уште се обидуваат да се поистоветат со нив, како вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој јавно се пожали дека ни тој не носел брендирана облека, туку шиена од „чичко Борче“?! Кутриот тој, не се „снашол“ како колегата од Владата, Артан Груби, кој нема гајле да се појави во јавност со „патичина“ од повеќе стотини евра. И тоа на попуст…

Кај ќе им одела душата? А кој вели дека може да има душа некој што свесно си поигрува со маката на стотици илјади сограѓани што претураат по контејнери, питачат на семафори или молат по бензински и во продавници за фискални сметки да ги скенираат за поврат на трошки од ДДВ?

Додека со, без конкуренција, најнеспособната извршна власт на кормилото, македонскиот „Титаник“ незадржливо тоне, а патниците буквално се борат да се одржат на површина, барајќи сламка за спас, владиниот „Банкрот блуз бенд“ свири ли свири. Не забележувајќи дека розовите очила повеќе не му вршат работа. Оти од мракот овие шест-седум години прст пред око не се гледа…