Тамам кога човек ќе помисли дека не можат подолу и подолно, ботовите од партијата на која, според несудениот муртински нобеловец, не ѝ личел патриотизмот го пробија дното со поистоветувањето на македонското знаме со Сонцето од Кутлеш со ѕверовите што ја вџашија Македонија?! Каква врска има меѓу официјалниот симбол на македонската држава веднаш по осамостојувањето и убиецот на Вања и на Панче сосе суријата што му асистираше знаат само празноглавите одработувачи на туѓи агенди. Демек, тоа што Палчо и соработниците се сликале покрај знамето што огромен дел од Македонците го сметаат за национално покажувало што мустра се и едните, и другите?!
„Фановите на тоа знаме ги гледаме кои се. Најголемите злосторници во Македонија се кријат под тоа знаме“, ќе заклучи на социјалните мрежи еден од „бањатите“. „Ова веќе стана знаме на монструми, да му се сповраќа на човек кога ќе го види!“, ќе додаде негов истомисленик. „Овој светол симбол на Сонцето стана симбол на криминалци, убијци, силувачи и сè што е погано во Македонија. Тоа е симбол на тероризам врз сопствениот народ. Овој е симбол на омраза!“, ќе истресе голема мисла од малиот мозок уште еден „мудрец“. „Зошто зад речиси секој психопат има Вергина? Што е финтава?“, ќе се направи пренајпаметен четврти од „финтаџииве“.
Просто фасцинира количеството на омраза од „прогресивциве“ кон сопствените народ и знаме. Како подизведувачи на партијата што ѝ го смени личниот опис на Македонија со неподнослива леснотија заборавија дека под шеснаесеткракото сонце дадоа заклетва и се сликаа и перјаниците на се-де-се-то, носителот на партиската книшка број 1 и експретседател Киро Глигоров и поранешниот лидер на самонаречената „државотворна партија“, во меѓувреме и премиер, и шеф на државата, Бранко Црвенковски. И тие ли се злосторници, монструми, психопати?!
Ако несреќине Кутлеш го именуваат Вергина, тогаш и Солун нека го викаат Тесалоники, како што потпиша оној чиј татко изрече клетва да му се исуши раката на секој што ќе ѝ го смени името на матичната држава на Македонците. Ним грчки симбол им бил симболот на македонскиот отпор кон обезличувањето на државата и на мнозинскиот народ, ама немаат против измислицата на Грчев натурена под грчки ултиматум само два дена по атентатот врз Глигоров. Прекрасно, нема што. И ептен патриотски. И лојално кон партијата што го игнорираше гласот на народот на пропаднатиот референдум за името.
Колку треба да се биде мизерен за да се злоупотребува ликвидацијата на 14-годишно девојче и на 74-годишен старец за пресметка со политичките противници и со убедливото мнозинство од сонародниците најдобро знаат тие што, без око да им трепне, ги користеа трагичните судбини на Тамара, Нешковски, Младенов и на петтемина егзекутирани кај Смилковско Езеро за да се доберат до власт. Нормално им е и нема да бекнат за незаконско веење знаме на странска држава во западниот дел од земјата, ама не можат да замислат македонско на неговото место. Буквално им се лоши од сè што им значи на Македонците, па си дозволуваат неовластено да ги раздаваат македонските идентитетски маркери додека слугуваат на туѓи интереси, а за лична корист. Полна им е устата со европски фронтови и вредности, а го исмеваат и навредуваат својот народ при секој обид да се спротивстави на посегањето по сè што му е вредно и со кое се идентификува.
Кој е тука психопат?
П.С. Златната ѕвезда со шеснаесет краци на црвена заднина беше прогласена за државно знаме од Собранието на Република Македонија на 11 август 1992 година, и тоа едногласно, со 88 гласа „за“, вклучувајќи ги и тие на СДСМ, без присуство на пратениците од ПДП-НДП, тогаш единствената партија на Албанците на македонската политичка сцена.







