Бугарскиот експерт за антисемитизам и радикализам Соломон Бали од еврејската организација „Бнеи Брит“ се спротивставува на обидите за претставување на Цар Борис Трети како спасител на Евреите од Бугарија во Втората светска војна, по кој е именуван и „културниот клуб“ на Бугарите во Охрид.



„Ако тие (неонацистите – н.з.) имаа еден единствен документ што ја докажува желбата на Борис Трети и на луѓето околу него да го заштитат Еврејството, ќе го покажеа за овие 80 години. Јас сум убеден дека, ако Борис Трети го доживееше крајот на Втората светска војна, тој ќе беше суден како воен злосторник, не само поради испраќањето на 11.343 луѓе во смрт, од кои треба да нагласиме дека има над 4.000 деца, туку и за воените злосторства извршени од бугарските окупаторски корпуси не само во Македонија, туку и во денешна Грција“, изјави Бали за бугарската ТВ1, додавајќи дека немало спасување на Евреите во Бугарија, туку нивно преживување по одложената депортација во логорите на смртта, според него.

Тој се чуди и од инсистирањето на официјална Софија на спомениците на жртвите од Втората светска војна во Македонија да не стои „бугарски фашистички окупатор“, а не прави проблем од истите такви натписи на спомен-обележја во Грција.

„Многу сум зачуден од пробирливоста на поставувањето на ова прашање, зошто на спомениците на жртвите на ѕверствата на бугарската окупаторска власт во Грција исто така пишува ‘бугарски фашистички окупатор’. Интересно е тоа што никој во Бугарија нема проблем со тоа“, вели Бали.