Светска банка во најновиот извештај оценува дека економијата на Македонија поради пандемијата од коронавирус годинава ќе забележи пад меѓу 1,4 и 3,2 проценти и во тој поглед ќе помине најдобро во регионот.
„Ваквиот извештај на Светска банка за нашата држава уште еднаш ги потврдува одговорните и навремени политики насочени кон полесно и поефикасно справување со последиците од коронакризата“, побрзаа да се пофалат од СДСМ.
Претходно, Меѓународниот монетарен фонд ѝ предвиде на Македонија пад на бруто домашниот производ од 4 отсто оваа година.
Овие прогнози ни оддалеку не соодветствуваат со катаклизмичните најави од експремиерот Зоран Заев, од министерката за финансии Нина Ангеловска и од поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев.
Заев при крајот на март прогнозираше дупка во буџетот од 1,3 милијарди евра, за набрзо потоа да предвиди „кратер“ од 2,2 милијарди, односно намалување на приходите за 60 проценти!
Ангеловска излезе со три сценарија, од кои најповолното значи минус од 700 милиони евра, а најнеповолното 1,3 милијарди.
Анѓушев, пак, виде недостиг во државната каса од 2 милијарди евра и проблем со исплатата на платите за државната администрација, дури и ако поминеше предлогот на Заев да добијат минималец во април и во мај.
Споредбата на прогнозираните штети за македонската економија од глобалните финансиски институции и од првенците на власта во Македонија зборува за огромно несовпаѓање, па се поставува прашањето кој од нив ја кажува вистинската состојба.
Ако државата нема да може да прибере безмалку две третини од проектираните приходи од 3,6 милијарди евра, како што тврди Заев, поради хибернацијата на (нај)голем дел од економијата предизвикана од мерките за заштита на населението од Ковид-19, како тогаш истата таа тешко погодена економија ќе испорача само 1,4 отсто помалку од лани, според Светска банка, кога немаше вакви проблеми?
Се разбира дека дел од планираните приходи што ќе недостигаат во државната каса можат да се надоместат со заеми и тоа веќе се (на)прави, но тие средства не можат да поттикнат создавање нова вредност ако огромен дел од економските субјекти се под клуч веќе месец и половина и не се знае кога ќе се реактивираат. Уште помалку, дали и кога ќе проработат со полн капацитет како пред коронакризата, посебно ако се има предвид дека од низа релевантни адреси, вклучувајќи го и министерот за здравство Венко Филипче, се очекува нејзин нов бран наесен.
Иако не мислеше на неа, Заев несакајќи верно ја опиша состојбата на македонската економија со фамозното „баклавата изедена, тепсијата стоо“. Освен ако не лаже(л) и за тоа, како за многу други нешта во „нашата земја“, за што сугерираат прогнозите на Светска банка и на ММФ. Ако, пак, тие се во право, а не тој, Нина и Кочо, тогаш чуму е фондот за Ковид-19 и обидот да се полни и со оспореното од Уставен суд зафаќање од платите на именуваните функционери, пратеници, судии и обвинители? Дури и со питачење кај дијаспората и со повикот до граѓаните повратот од ДДВ да ѝ го вратат на државата. Згора ја зголемија и акцизата за горивата за три денари…
Можеби му побегна Нобеловата награда за мир, но најде ли логично објаснување за евидентната дискрепанца меѓу неговото кукање и (по)розовите очила на Светска банка и на ММФ, на Заев не му гине таа за економија.





