Бајрам баран со потерница и приведен а потоа славел со Ковачевски и Пендаровски

Дваесетина дена откако бил лишен од слобода за сомнежи за криминал вреден милиони осомничен криминалец прославувал со државниот врв.



Синот на покојниот пратеник Амди Бајрам се нашол на листата на поканети гости на забавата на власта за наводниот почеток на преговори со ЕУ иако на крајот на јуни бил приведен за голем криминал.

Габриел Бајрам со полициска придружба бил донесен во станица на распит за кражбата на струја во ГТЦ и копањето на биткоини. Бајрам неколку пати бил повикуван во полициска станица, му биле испраќани покани, но не се појавувал пред службените лица. По ова по него бил распишан централен распис и на 30 јуни, годинава бил приведен и спроведен во полициска станица на службен разговор, објавува порталот мкд.мк.

„Ве известуваме дека по насоки и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје преземени се повеќе мерки и активности за расчистување на случајот. По неколку неодговарања на покани и непојавување на службен разговор во полициска станица, а по распишан централен распис, полициски службеници од Одделението за криминалистички работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје го лишиле од слобода Г.Б.(40) од Скопје и со него бил извршен разговор во полициска станица”, одговориле од МВР за МКД.мк.

Во декември, лани Обвинителството и МВР изјавија дека никој не пријавил сомнеж за кражба на струја и дека за настанот во Градскиот трговски центар нема сомнеж за кривично дело. Тогаш Обвинителството ни одговори дека чека сопствениците на дуќаните во Градскиот трговски центар да пријават дека се оштетени во висината на сметките за струја, за да може обвинителите да постапуваат.

Зошто Габриел Бајрам бил на истиот прием со министерот за внатрешни работи кој морал да знае за сомнежот за неговиот криминал засега молчат и МВР и Владата.

Вообичаено за нормалните држави е лица кои се гонат за криминал од страна на обвинителството да не бидат присутни на забави на државните врвови.

Габриел Бајрам сепак бил дел од настанот на кој власта прославуваше со што се отвара прашањето кој во владата и кабинетите на Пендаровски и Ковачевски прави безбедносна контрола на луѓето со кои тие слават.

Или системот е толку корумпиран што веќе нема никакви проверки и најобични но и најголеми криминалци можат да се забавуваат заедно со Ковачевски и Пендаровски.

Повеќе детали за случајот на овој линк на МКД.мк