Американскиот претседател Џо Бајден се обрати до јавноста во врска со тензиите во Украина и најави засилени економски санкциикон Москва.



„Синоќа рускиот претседател практично најави дека ќе отсече дел од Украина. Слушајќи го неговиот говор, јасно е дека Путин се подготвува да оди уште подалеку. Ова е почеток на неговата инвазија на Украина“, изјави американскиот претседател.

„Ќе почнеме да воведуваме санкции кои одат многу подалеку од она што го воведовме во 2014 година“, рече Бајден.

„Што побогу мисли Путин дека му дава право да ги признае новите таканаречени држави кои се на територијата на соседната земја? Тоа е кршење на меѓународното право“, рече Бајден.

„САД и сојузниците на НАТО ќе ја бранат секоја педа од територијата членка на НАТО. Украина сè уште е опкружена со повеќе од 150.000 руски војници“, рече тој.

Бајден најави кои ќе бидат санкциите што ќе ѝ се воведат на Русија.

Тој рече дека „ќе работи со партнерите за да се осигура дека проектот за гасоводот Северен тек 2 нема да продолжи.

„САД воведуваат санкции против руската елита, членовите на нивните семејства и две руски банки. Русија ќе плати уште повисока цена ако продолжи со својата агресија“, рече тој.

Бајден рече дека одобрил дополнителното распоредување на американски војници во сојузничките земји во Источна Европа, војниците и опремата веќе во Европа и ќе бидат испратени во балтичките земји – Естонија, Летонија и Литванија.

„Да бидам целосно јасен, ова се одбранбени маневри. Немаме намера да се бориме со Русите“, рече Бајден. Испраќањето војници на Балтикот, според него, треба да испрати порака до американските сојузници дека Америка ќе ја брани територијата на НАТО и ќе ги почитува обврските што ги презеде.