Американскиот претседател Џо Бајден денеска и` се обрати на јавноста за актуелната ситуација во Украина.
Бајден на почетокот на своето обраќање рече дека САД се подготвени за што и да се случи.
„Подготвени сме за дипломатија, но исто така сме подготвени да одговориме на рускиот напад врз Украина, што сè уште е можност. Тоа беше нашиот пристап во последните неколку месеци, ние се држиме до тој пристап“, рече Бајден.
„Денес сакам да зборувам за ситуацијата на теренот, за чекорите што сме подготвени да ги преземеме и какви ризици не` очекуваат. Со недели сме ангажирани во постојана дипломатија со нашите сојузници. Оваа недела повторно разговарав со претседателот Путин за да му кажам дека сакаме да ја одржиме дипломатијата на високо ниво, дека сакаме да постигнеме писмен договор меѓу Русија, САД и европските земји и да идентификуваме некои безбедносни прашања“, додаде тој.
„Путин и јас се согласивме дека треба да продолжиме да ја следиме оваа цел, заедно со нашите европски сојузници и партнери. Соединетите Држави ставија на маса конкретни решенија за постигнување мирна ситуација во Европа; предложивме нови мерки за контрола на оружјето и транспарентност, нови стратешки мерки. Овие мерки се однесуваат на двете страни – Русија и НАТО“, рече Бајден.
„Но, ние нема да се откажеме од основните принципи. Нациите имаат право на суверенитет и територијален интегритет. Тие имаат право на слобода на избор на нивната иднина и право да изберат со кого да се обединат“, рече Бајден во обраќањето до нацијата, објави Си-Ен-Ен.





