Бајден огорчен од нападот на болницата во Газа, но не посочи сторител

Американскиот претседател Џо Бајден даде изјава во која изрази длабок гнев поради експлозијата во болницата Ал Ахли во Газа, но не обвини никого за тоа.



„Огорчен сум и длабоко тажен од експлозијата во болницата Ал Ахли во Газа, која резултираше со ужасни загуби на животи“, рече Бајден во изјавата објавена додека летал од САД за Израел, пренесе Би-Би-Си.

Според Бајден, штом се појавила веста за експлозијата, тој контактирал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и јорданскиот крал Абдула Втори.

Покрај тоа, според американскиот претседател, тој му наложил на својот тим за национална безбедност „да продолжи да обезбеди информации за тоа што всушност се случило“.

„САД се посветени на заштитата на цивилниот живот во време на конфликт и жалиме за загубените животи на пациентите, здравствените работници и другите невини жртви убиени или повредени во оваа трагедија“, се вели во соопштението.

Хамас го обвини Израел за воздушните напади врз болницата.

Израелската војска соопшти дека болницата била погодена од неисправна ракета истрелана од групата Исламски џихад и негираат дека се вмешани во нападот.

По инцидентот во Газа, Јордан ја откажа средбата на Бајден со египетскиот претседател, со шефот на палестинската управа Махмуд Абас и и кралот на Јордан.