Американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за спречување блокада на неговата влада што беше закажано за полноќ, објави Белата куќа.
Во Конгресот синоќа се случи изненадувачки пресврт и се изгласа закон за финансирање на американската Влада, со што во последен момент се спречи очекуваната блокада (shutdown).
Украина беше една од главните причини за можната блокада на американската Влада, за што низа агенции почнаа да вршат подготовки.
Другата беше огромниот буџетски дефицит од два трилиона долари, што се удвои во споредба со лани и е поголем од оние пред пандемијата од Ковид-19. Поради ова републиканците, кои го контролираат Претставничкиот дом, се незадоволни и го развлекуваа одобрувањето на финансиите за работата на владата до последен момент.
Претставничкиот дом гласаше „за“ со две третини мнозинство (335-91) откако спикерот Кевин Мекарти, републиканец, вчера претстави програма по неколкучасовна координација со законодавците републиканци кои се мнозинство во Долниот дом.
Бајден рече дека иако нацрт-законот не вклучува финансиска помош за Украина, тој очекува претседателот на Претставничкиот дом Кевин Мекарти „да ја задржи својата посветеност кон народот на Украина и да обезбеди усвојување на поддршката потребна за помош на Украина во овој критичен момент“.
„Не можеме да дозволиме да престане американската поддршка за Украина“, рече Бајден.






