Американскиот претседател Џозеф Бајден им го честиташе Божик на сите христијани кои го слават празникот според јулијанскиот календар, велејќи дека се приклучува на молитвите за мир.
„(Првата дама) Џил и јас им посакуваме благословен Божик на православните христијани во САД и низ светот. За време на овој свет период се сеќаваме на чудото на раѓањето на Исус Христос и на преобразувачката љубов што Тој ја донесе во нашиот свет“, вели Бајден во писмената изјава објавена од прес-службата на Белата куќа.
Претседателот изјави дека секое човечко суштество е создадено според Божјиот лик и заслужува да биде третирано со достоинство.
„Оваа година блиску до нашите срца држиме многу православни христијански заедници во регионите на нашата Земјина топка погодени од војна“, рече Бајден. Тој изрази жалење за секој изгубен невин живот и најави продолжување на борбата „против прогонот и дискриминацијата на која било група поради тоа кои се, во што веруваат или како ја практикуваат својата вера“, се додава во пораката.
„Ние сме благодарни за непроценливиот придонес што православната христијанска заедница го дава за нашата земја и народите ширум светот и заедно се молиме за мир во наредната година“, вели американскиот претседател во пораката.






