„Добро утро на жителите на Автокоманда. Студените радијатори ни посакаа среќна недела, кога семејството е дома, со најблиските. Дали за семејниот мир решава Топлофикација Исток“.



Ова е една од реакциите на социјалните мрежи на граѓани од Автокоманда кои минатата недела беа исклучени од Досегашниот снабдувач со парно ЕСМ „Енеретика“ и без најава, среде сезона на греење беа префрлени на ЕСМ „Дистрибуција“.

Граѓаните се жалат на студени радијатори откако им беше укинато таканареченото „железарско парно“. Тврдат дека не само што веќе немаат греење 24 часа, туку и ова што го добиваат – не задоволува.

За нив „мистерија“ е дали и понатаму ќе плаќаат сметки за греење како и досега и покрај тоа што добиваат речиси двојно помалку греење, дали и кога ќе го дознаат тоа.

Реагираат и на неможноста веднаш да се исклучат и да престанат да плаќаат, во намера да преминат на друг начин на затоплување на домовите, зашто од ЕСМ, неофицијално им било кажано дека во таков случај мора однапред да ги платат сите сметки – до август.

Урбаната заедница Автокоманда веќе организираше два протести и блокада на сообраќајници, побарано е помош од општината Гази Баба на која припаѓаат, а во вторник ќе го блокираат булеварот „Александар Македонски“.

Автокоманда со блокади ќе го бара правото на Железарско парно

Тие, на социјалните мрежи го повикуваат и поранешниот сосед и актуелен претседател на Македонија, Стево Пендаровски, како нивни сограѓанин да се заинтересира за проблемот.

Пред да биде избран за претседател, Стево Пендаровски со семејството живееше во Автокоманда.