Како што беше најавено, автобусите на ЈСП се вратија на улиците низ главниот град, откако Град Скопје обезбеди плата за вработените.



По дводневен протест на вработените во ЈСП што доведе до хаос во градскиот превоз, вчера беше постигнат договор Град Скопје да ги обезбеди парите за плата на вработените, а дали ќе се чека парите да легнат на сметките на вработените па да се тргнат автобусите, останува да се види.

Претседателот на синдикатот на ЈСП, Миќо Стојановски синоќа изјави дека пред Владата останале 15 автобуси и тие се таму по налог на градоначалничката Данела Арсовска.

„Тоа е еден вид притисок врз Владата за што побрзо да го реши тој нивен клинч околу долговите што Владата ги има кон ЈСП за блок дотациите за превозот на средношколците и студентите во градот Скопје“.рече Стојановски.

Сообраќајот е затворен со автобуси кон Илинденска од правецот на мостот Гоце Делев и од правецот на булеварот ВМРО.