Австриски портал потсетува дека е десетгодишнина од ветото во Букурешт

Порталот „Форарлберг онлајн (vol.at) од Австрија во значајни настани што се случиле на денешен ден го наведува и самитот на НАТО во 2008 година во Букурешт, на кој Македонија не стана членка, и покрај таквата најава ден претходно од тогашниот американски претседател Џорџ Буш.



„2008 – НАТО официјално ги покани Хрватска и Албанија да се приклучат. Поканата за Македонија пропадна на самитот на НАТО во Букурешт со ветото на Грција. САД не можеа да ја потврдат својата желба за патоказ за пристап за Украина и за Грузија“, пишува сајтот.

Во официјалниот документ од самитот, пак, во делот за Македонија стои: „Сојузниците на НАТО се согласија дека поканата за поранешната југословенска Република Македонија ќе биде продолжена веднаш штом ќе се постигне заемно прифатливо решение за прашањето за името. Тие ги охрабрија преговорите да продолжат без одлагање и очекуваат нивно завршување што е можно поскоро“.

Интересен момент е и тоа што на денешен ден во 1948 година е роден Јап де хоп Шефер, генерален секретар на Алијансата токму во време на самитот, а Холанѓанецот функцијата ја извршуваше од 2004 до 2009 година.