Франц Алербергер, раководител на Одделот за јавно здравје при австриската Агенција за здравје и за безбедност на храната (АГЕС), очекува сите да се заразат со коронавирусот, порано или подоцна.



„Овој вирус ќе ни остане. Секој од нас порано или подоцна ќе има корона, освен ако пред тоа не почине“, изјави тој за австриското радио Ое3.

Инфектологот е уверен и дека вирусот нема да биде искоренет, а вакцината ќе биде на располагање најрано од јули следната година.

„Се обложувам во сè дека нема да има лек, бидејќи лековите против вируси можат да се избројат на прстите на едната рака“, додава тој.

Од друга страна, Алербергер нагласува дека Ковид-19 се покажала побезопасна болест отколку што се мислело во почетокот од пандемијата пред десет месеци, кога се сметало дека 30 проценти од заразените ќе починат. Притоа тој се повикува на студијата на универзитетот „Стенфорд“, според која смртноста е 0,23 отсто.

Сепак, тој повикува за претпазливост, иако во моментов е пополнет само седум проценти од капацитетот на интензивната нега во австриските болници, очекувајќи заострување на ситуацијата во текот на зимата.

„Мораме да внимаваме за да не доживееме непријатно изненадување. Ако имаме 4-5 илјади новозаразени дневно, мораме да сметаме на тоа дека медицинските капацитети ќе бидат на нивните граници, дека ќе има смртни случаи во старечките домови, а политичарите ќе бидат изложени на огромен притисок. Во принцип, не можеме да ги спречиме поединечните смртни случаи, но можеме да го забавиме текот“, вели австрискиот експерт во интервјуто, додавајќи дека очекува пандемијата својот врв да го достигне во декември и во јануари.