Изјавата на австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг дека полноправното членство во Европската унија можеби не е најдобрата опција за Украина го налути Киев, кој излезе со остра официјална реакција.
Иако во саботата призна дека е неопходно продлабочување на врските со Украина, бидејќи „ЕУ го извезува западниот начин на живот“, Шаленберг рече дека наместо полноправно членство во ЕУ на Киев би можело да му се понуди приклучување кон Европската економска област или договор за асоцијација.
„Разочарани сме од забелешките на австрискиот сојузен министер за надворешни работи за европската иднина на Украина. Сметаме дека тие се стратешки кусогледи и не се во интерес на обединета Европа“, изјави портпаролот на украинското МНР, Олег Николенко, додавајќи дека Шаленберг го игнорира позитивниот став на „огромното мнозинство“ од населението на основачките членки на ЕУ во однос на членството на Украина.
Повикувајќи се на изјавите на шефот на украинската дипломатија Дмитриј Кулеба, Николенко рече дека Украинците веќе платиле „премногу висока цена“ за грешките на европските земји.
„Нивните пристрасни перцепции за реалноста веќе ја ослабеа Европа политички и економски, ѝ овозможија на Русија да ја поткопа стабилноста на ЕУ и да отелотвори хибридна агресија против европските земји“, тврди портпаролот на Министерството.
Николенко ја заокружи својата изјава нагласувајќи дека бидејќи Украина стана „истурена станица за заштита на безбедноста на ЕУ“, таа ги има сите причини да „бара објективно признавање на нејзините заслуги и стратешка улога за ЕУ“.





