Граѓаните на Австралија денеска на референдум децидно го отфрлија предлогот за признавање на абориџинското население во Уставот, што е нов чекор наназад во помирувањето на земјата со домородното население.
По пребројани 45 проценти од гласовите низ целата земја, „НЕ“ води со 57,35 проценти наспроти 42,65 „ЗА“.
Австралиската телевизија ABC и другите мрежи предвидоа дека најмалку четири сојузни држави – Нов Јужен Велс, Тасманија, Квинсленд и Јужна Австралија – ќе гласаат против измените на 122-годишниот устав.
За да успее референдумот , најмалку четири од шесте сојузни држави мора да го поддржат предлогот, заедно со мнозинството на национално ниво.
Поради австралиските временски зони, гласањето во Западна Австралија продолжува иако е познат резултатот од референдумот.
Абориџинското население на Австралија денес сочинува 3,8 отсто од вкупното население од 26 милиони.
Тие живеат на австралискиот континент речиси 60 илјади години, но не се споменати во уставот и според социјалните и економските фактори, тие се најранливата група во земјата.





