На 14 октомври Австралијците ќе излезат на референдум за уставни промени со кои ќе се признаат домородните народи, најави поремиерот Ентони Албанесе.



Целта на референдумот е да им се даде можност на Абориџините и на жителите на островот Торес да ја советуваат владата во парламентот за прашања кои ги засегаат нивните заедници, пренесе Ројтерс.

Австралијците ќе треба да одговорат дали поддржуваат уставна промена со која би се формирал автохтоно тело наречлено „ГЛАС“ кое ќе ги советува властите за прашањата што ги мачат доморотците.

Потребно е двојно мнозинство за да се дозволат уставни измени.

Тоа значи дека мора да се добијат повеќе од 50 проценти од гласовите, но и дека мнозинството гласачи мора да се изјаснат „за“ во најмалку четири од шесте сојузни држави во Австралија.

„На тој ден секој Австралиец ќе има генерациска можност да ја зближи нашата земја“, рече австралискиот премиер.

Абориџините сочинуваат 3,8 отсто од вкупното население од 26 милиони луѓе во Австралија.

Поддржувачите на уставната промена тврдат дека тоа ќе помогне да се поправат врските со абориџинската заедница и да се обедини нацијата, како и да се дозволи советодавното тело да се справи со подобрувањата во здравјето на домородните, образованието, вработувањето и домувањето.

Противниците тврдат дека тоа ќе предизвика поделба меѓу Австралијците, како и давање премногу моќ на советодавното тело.