Раководството на М-НАВ најави дека ќе ги исполни барањата на Синдикатот на контролори за летање кој што најави штрајк за четврток, 12 октомври. Доколку штрајкот се случеше, ќе беа запрени прелети над земјава, како и полетувања и слетувања на скопскиот и охридскиот аеродром во периодот од 11 до 17 часот. Ако барањата навистина бидат исполнети, Синдикатот најави дека штрајкот ќе го стави во мирување, но договорот се очекува финално да биде потпишан денеска. Во случај договорот сепак да не се потпише, Синдикатот ќе го одржи штрајкот.

Инаку претходно беше најавено дека е непрофесионалното однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, а на кои се укажувало долго време, а за проблемите го информирале и Министерството за транспорт и врски.
- – Да престане хаотичното однесување и да се однесуваат професионално, а контролата на летање да си го добие своето место и во рамки на балканските контроли на летање и во Европа. Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа се користи како изговор пак за дополнителни вработувања – на почетокот на месецов, изјави Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори за летање.
Едно од барањата на Синдикатот на контролори на летање е и да се ангажира надворешна фирма што ќе врши анализа за тоа кои служби и кадри се потребни, а која во иднина би била поткрепа при, како што велат, неоснованите постапки од страна на раководството.
На 9 октомври Управниот одбор на М-НАВ одржа состанок со Синдикатот на контролори на летање, на кој сите барања на Синдикатот биле ставени во записник.
Контролорите за летање реагираат и за застарената опрема која, како што велат, откако е инсталирана во 1999 година, досега само се одржува, иако треба да се менува на секои седум години. Поради ваквата состојба на опремата, како што укажа претседателот на Синдикатот, годинава биле воведени рестрикции и не биле прифаќани поголем број на авиони за прелет.





