Државниот врв на Грција е во трескавично исчекување на соодветниот одговор на Русија за протерувањето двајца дипломати и за откажувањето влез во земјата на уште двајца поради наводни обиди за мешање во внатрешните работи во врска со Македонија.
Грчките раководители се надеваат дека реакцијата на Русија ќе биде реципрочна и ќе се сведе на протерување двајца грчки дипломати од Москва, но некои стравуваат и од подрастични мерки од страна на Кремљ.
Владата во Атина е категорична дека немала избор како да дејствува откако ѝ биле претставени ризиците за националната безбедност поради дејствувањето на руските дипломати. Владин извор за весникот „Катимерини“ тврди дека чекорот на Атина бил „неизбежен“ со цел „да се испрати јасна порака дека немаме двојба за нивните акции, кои ги надминуваат сите граници“.
Протераните руски дипломати, наводно, пробале да поткупат претставници на Црквата и на локалните власти во обид да го поткопаат договорот за името со Македонија склучен минатиот месец во Нивици на грчката страна од Преспанско Езеро, но и да влијаат врз оружените сили преку националната разузнавачка служба на Грција (ЕИП).
Весникот пишува дека двајцата руски дипломати презеле обиди да поткупат бивш службеник на грчкото разузнавање и членови на армијата. Изворот вели дека обидот за наметнување руско влијание почнал одамна и вклучувал соработка со етнички Грци што се преселиле во Русија по падот на СССР.
Создавањето културни организации и развивањето други дејности се разгледува како дел од стратегијата на Русија да го рашири своето влијание во регионот, пишува „Катимерини“.




