Атина предупредува Скопје да не ја враќа „националистичката реторика“

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис предупредува дека враќањето на националистичка реторика кај соседите ќе доведе до редефинирање на грчката позиција за поддршка на процесот на проширување на ЕУ, јави дописничката на МИА од Атина.



Варвициотис, изрази загриженост за случувањата кај нас и истакна дека правилното спроведување на Договорот од Преспа е еден од предусловите во преговарачката рамка, јави МИА.

„Морам да го признам следното: многу нѐ загрижуваат случувањата во Северна Македонија. Враќањето на една националистичка реторика од нашите соседи, во суштина ќе нѐ одведе до редефинирање на нашата национална позиција за поддршка на процесот на проширување.

Бидејќи еден од цврстите предуслови што се поставени во преговарачката рамка е доследно и правилно спроведување на сите одредби од Договорот од Преспа. И неопходно е, оваа порака, денеска, од сите нас да биде испратена до нашите соседи кои се наоѓаат во политичка бура“, рече Варвициотис.