По веста дека албанските власти го уапсиле кандидатот за градоначалник на Химара од партијата на грчкото малцинство КЕАД Дионисис Фреди Белери, Министерството за надворешни работи на Грција ќе упати демарш до албанското МНР, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчкото МНР соопштија дека по упатствата од министерот за надворешни работи Никос Дендиас, амбасадорката на Грција во Тирана Константина Камици, денеска ќе го упати демаршот.
Според грчките медиуми, Белери и неговите соработници синоќа биле уапсени пред ресторан, без конкретна причина.
Атински „Катимерини“ јавува дека Белери, бил привремено ослободен по неговото апсење во петокот нешто по полноќ од специјалните сили на албанската полиција под обвинение за купување гласови.
Организациите на грчкото малцинство, Омонија и Партијата за единство за човекови права на грчкото малцинство (позната како КЕАД во Грција), остро го осудија она што тие го гледаат како напад без преседан насочен кон етничката грчка заедница во Албанија.







