Атанасовски: Охридската архиепископија не е никакво продолжение на Бугарската патријаршија, која од 971/972 година е укината и не постои!

„Охридската архиепископија не е никакво продолжение на Бугарската патријаршија: кога византискиот император Јован Цимиски го ликвидирал Првото бугарско царство во 971/72 година, го одвел во Цариград бугарскиот цар Борис II заедно со бугарската круна. Ја укинал и бугарската патријаршија, а го одвел, исто така, и бугарскиот патријарх во Цариград. Од 971/72 година повеќе не постои бугарска патријаршија. Самите Бугари не ја сметале Охридската архиепископија како своја, за што сведочи постапката на бугарскиот цар Иван Асен II. Тој во 1235 година, кога Охридската архиепископија била во составот на неговата држава, бара од Никеја ‘формирање бугарска автокефална црква’“, што му било одобрено. Некои, задоени со националшовинистички идеи, по секоја цена измислуваат и бараат секакви конструкции за да докажат дека во Македонија живееле Бугари. Такво нешто нема. Македонија била под бугарска власт, но тоа не значи дека населението станало бугарско. “ – нагласува д-р Александар Атанасовски, универзитетски професор од Институтот за историја на Филозофскиот факултет при УКИМ и експерт за историјата на средновековна Македонија и за историјата на Византија.



Овие ставови на професорот Атанасовски се дел од неговиот противодговор кон „историската анализа“ под наслов „Охридската архиепископија’… на цела Бугарија…“ во периодот од 1019 до 1186 г.“,, која ја објави бугарскиот историчар Пламен Петков во бугарскиот информативен портал „Труд њуз“ на 17 ноември 2023. Таа „историска анализа“ ја пренесе и и пробугарскиот портал „Трибуна“ во превод на македонски јазик под истиот наслов. Суштинските делови на текстот на Пламен Петков, во пошироки наводи, поодделно и паралелно ги пренесува и „Експрес“, во име на својата коректност како медиум, но и со цел да се спротивстават македонската вистина и „бугарската вистина“ преку историски аргументи, која колку ги има, а која колку ги нема…

Во својот текст, подготвен за „Експрес“,  професорот д-р Александар Атанасовски пишува: „Анализата“ на Пламен Петков сѐ е лага до лага, тоа се политички конструкции далеку од историската вистина. Охридската архиепископија не е никакво продолжение на Бугарската патријаршија, од причини што кога византискиот император Јован Цимиски го ликвидирал Првото бугарско царство во 971/72 година, го одвел во Цариград бугарскиот цар Борис  II заедно со бугарската круна. Тој ја укинал и бугарската патријаршија и го одвел, исто така, и бугарскиот патријарх во Цариград. Од 971/72 година повеќе не постои бугарска патријаршија.

Самуиловата држава настанала во 969 година како резултат на „апостасија“, или отпадништво од бугарската држава. За сите овие настани изворни податоци дава Јован Скилица. По ликвидирањето на бугарската патријаршија, свештениците – епископите што влегле во составот на Самуиловата држава си избрале свој поглавар, кој што престојувал во Меглен до 985 година кога Самуил ја освоил Лариса и ги пренел моштите на епископот Св. Ахил Лариски во Преспа на островот Св. Ахил, каде што изградил храм посветен на него. Тој храм станал Соборен храм на Самоиловата црковна организација.

Немаме податоци за неговата титула, но не е исклучена можноста, кога Самуил се прогласил за цар со согласност на Римскиот папа, покрај царската круна на Самуил да му ја признал и црковната организација. Според археолошките наоди, на Св. Ахил се пронајдени 4 гробови, од кои за еден се верува дека е на цар Самуил. Без разлика на тенденциите на бугарските и на некои наши историчари, црковното седиште на Самуиловата патријаршија не било пренесено од Преспа во Охрид. Тоа се случило дури по ликвидирањето на Самуиловото царство 1018 година.

Василиј II решил да ја деградира црквата од ранг на Патријаршија во ранг на архиепископија. За да ги уништи и царските традиции, седиштето на новата институција Охридска архиепископија го поставил во Охрид. Бидејќи бугарската патријаршија била укината 971/72 година, со формирањето на Охридската архиепископија сите епископии од матичните бугарски територии биле вклучени во Охридската архиепископија. Токму затоа во титулата на Охридскиот архиепископ стои одредницата „На Јустинијана Прима и на цела Бугарија“. Првото е како факт повикување на историското минато дека тие територии своевремено биле во составот на Јустинијана Прима, а второто „Цела Бугарија“ означува дека, покрај македонските територии, во Охридската архиепископија биле вклучени и епархиите од матичните бугарски територии источно од реката Искар.

Дека самите Бугари не ја сметале Охридската архиепископија како своја сведочи постапката на бугарскиот цар Иван Асен  II: тој во 1235 година, кога Охридската архиепископија била во составот на неговата држава, од Никеја бара „формирање на бугарска афтокефална црква“ што му било одобрено. Ако ја сметал Охридската архиепископија како бугарска, тогаш неа би ја издигнал во Патријаршија, а не покрај неа да бара формирање друга независна црква.

Колегата Павлов се повикува на  вестите на Нил Доксопатрит, но не кажува што вели точно тој. Тој вели дека „таа црква од почетокот не се нарекувала бугарска, туку откако била завладеана од Бугарите била наречена бугарска“. Се е јасно како ден, само некои, задоени со националшовинистички идеи, по секоја цена измислуваат и бараат секакви конструкции за да докажат дека во Македонија живееле Бугари. Такво нешто нема. Македонија била под бугарска власт, но тоа не значи дека населението станало бугарско. Тогаш повеќе векови Македонија била под власта на Византија, па сепак населението не станало Ромеи, иако во изворите се користи тој термин.

Црковната организација во Македонија е една од најстарите на Балканот: во секој град имаме базилики од  IV век (Бер, Меглен, Хераклеја, Стоби, Скупи, Баргала, Охрид и сл. Во 412 година во Солун се формира Папски викаријат. Границата помеѓу Западната и Источната црква е по Реката Искар и Трајановата врата. Западно од таа река епархиите биле потчинети на Рим. Потоа Јустинијан ја формира Јустинијана Прима, во која влегле скоро сите епархии од Македонија. Св. Климент дошол за епископ пак во Македонија, бидејќи Папата преку него сака да ја обнови својата власт на териториите на Стариот Илирик (Балкански Полуостров).

Токму затоа Василиј се решил сите тие територии да ги вклучи под власта на една црква – Охридската архиепископија и да ги потчини на Цариград. Првите архиепископи ги поставувал императорот, а не Синодот на Цариградската патријаршија. Тоа го направил така, за да го неутрализира папата да не се противи на новата црковна организација.

На крајот, сакам да им упатам едно обопштено предупредување на порталите во Македонија: премногу се форсираат и се објавуваат бугарските ставови и ставови на колеги блиски до власта, кои што одработуваат за однародување на Македонците. Што се однесува до Пламен Петков, тој е однароден Македонец по потекло од Битолско, неговите емигрирале во Бугарија и тој сега работи за нивната кауза.