Атанасов: За школување наставник државата дава дури 3,5 евра годишно

Во образованието одамна е изгубен компасот“, вели Петар Атанасов, поранешен заменик-министер за образование за Дојче веле.



„Дваесет години политиката си игра ‘топло – ладно’ со целиот систем на образование. Се поставуваа неспособни и нестручни партиски кадри за директори на образовни институции“, вели Атанасов.

Дека има причинско-последична поврзаност со македонските „резултати“ во образованието, може да се увиди ако се анализираат податоците од извештајот на Светска Банка („Финансирање на нашата иднина“) објавен во февруари годинава.

„Во тој извештај, во делот за расходите во образованието во Северна Македонија, се наведуваат фрапантни податоци за состојбите во пониските нивоа на образование“, посочува Атанасов.

„Според експертите, со години наназад во образованието бројот на наставници се зголемува и покрај демографскиот пад. Просечно, на секои 14 загубени ученици (поради емиграција или помал природен прираст) се вработува по еден нов наставник, што е очигледна последица од процесот на повеќегодишната партизација.

Истовремено, просечните расходи за професионален развој по еден наставник се само 3,5 евра годишно, што е еквивалетно на автобуска карта во еден правец меѓу Скопје и некој град од внатрешноста.

Значи во наставниците не се вложува речиси ништо. Компаративно, во Македонија се вложувале многу повеќе финансии од Хрватска, но спротивно на ова, нашите резултати на тестирањето за ПИСА, на пример, во 2018 година биле многу полоши од Хрватска. Прашањето е зошто, или што правиме погрешно? Овие конкретни и ‘невидливи’ бројки за лошата состојба во нашето образование се системски слабости, чија штета ќе ја плаќаме сите“, вели поранешниот заменик-министер за „Дојче веле“.