Поранешниот заменик-министер за образование, Петар Атанасов, во разговор за Фактор, предлага новата учебна година да започне еден месец подоцна.



„Септември да се искористи за да се пребројат силите, идеите и начините на функционирање. Цел месец да има подготовки и прилагодување во училиштата и време наставниците да се подготват за тоа што им е работа.

Мислам дека летово никој ништо не работеше.

Во тој период, Бирото за развој на образованието (БРО), да одобри скратена програма, независно на кој начин таа ќе се имплементира. БРО со амин на МОН да собере тим од искусни наставници и тие да кажуваат што да се прави.

Да се сведе наставната програма на базичните предмети, да се олабават децата од непотребните предмети. Предметите преку кои се учат вештини да се прилагодат на состојбата, не мора да има оценување по нив“ предлага, меѓу другото, Атанасов за Фактор.

На 1 октомври ќе биде добро да започнат со настава барем оние што се подготвени да започнат во услови какви што ќе се создадат. Значи предлагам 1 октомври да се номинира како датум за започнување на наставата во училиштата. Ако се започне на 1 септември ќе се создаде хаос. Децата и родителите не се психички подготвени за новата година. А и пандемијата не се стишува, вели Атанасов.