Ефектите би биле многу негативни, да не речам разурнувачки за и онака кревката економија. Прво, илјадниции луѓе ќе изгубат работно место. Асоцијација на спортски обложувалници во Македонија се буни дека спортските обложувалници ќе добијат онлајн конкуренција.

Револтирани се од одлуката на Државната лотарија на Македонија, каде се информира за започнување на постапка за основање на трговски друштва за интернет игри на среќа со доминантен капитал на Државна лотарија. Денеска се пожалија дека државата свесно им создава силен удар и ја доведува во прашање нивната егзистенција.
Државната лотарија се повикува одредбите на член 7, став 3 од Законот за игрите на среќа и забавните игри. Мораме да потенцираме дека овој член не пропишува постапка и начин како и услови и критериуми за избор на приватен партнер. Преку овој повик јасно се гледа дека се прекршува Законот за игрите на среќа и забавните игри при што без прецизни законски услови и дефинирани критериуми се избираат приватни партнери.

Повикот е напишан за странски компании и преку него се врши директна штета на домашните приредувачи на игри на среќа. Како најочигледен пример ќе ја посочиме одредбата: да има искуство во приредување интернет игри на среќа во период од најмалку 3 години од денот на поднесување на понудата, да има искуство од најмалку 8 години во развој, поддршка и маркетинг на интернет платформа за игри на среќа и содржини на игри во две држави во Европа од кои една на Балканот и да има 40 милиони евра приход само од интернет игри на среќа. Прво државата не дискриминираше и не ни дозволуваше да приредуваме интернет игри на среќа, а сега како услов бара да сме имале искуство во тоа. Преку ова станува јасно дека партнерите се веќе договорени и ги исполнуваат токму наведените специфични услови.
Државната лотарија вели дека одлуката се темели на претходно изработена физибилити студија, за која нема споделено никакви детали кои укажуваат на потребата од отворање на три нови трговски друштва за интернет игри на среќа, што уште еднаш ја доведува во прашање издржаноста на одлуката.





