„Во периодот од 1991 до 2021 година, односно за 30 години од независноста со македонско државјанство се стекнале 43.321 Албанец, а одбиени се 3.374 барања.



Во постапка за државјанство се над 2.674 барања, од кои помалку од половина, односно помалку од 1.300 се од Албанци“, изјави од ДУИ, Арбер Адеми.

Тој ја обвини албанската опозиција во Собранието дека манипулира со бројот на лицата кои немаат државјанство за да добие ситни политички поени, пренесува МКД.Мк.

„За неколку дена од опозицијата излегоа со дијаметрално спротивни ставови на нивните претходни ставови. Зијадин Села манипулира со албанската јавност, неговите изјави се несериозни и трагични. Со манипулација за бројот на лицата кои немаат државјанство сакаат да добијат ситни политички поени. Прво велеа дека 70 илјади немаат државјанство, па после 7 илјади или помалку лица без државјанство“, рече Адеми.

Денеска премиерот Зоран Заев се сретнува со лидерите на Алијанса на Албанците и на Алтернатива со цел да се постигне решение за Законот за државјанство за кој овие две партии поднесоа илјадници амандмани и ја блокираат работата на Собранието.