Адвокатите на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж ќе поднесат жалба на одлуката за негова екстрадиција од Велика Британија во САД под обвинение за шпионажа.
Адвокатите велат дека ветувањето на американската влада дека нема да го подложи Асанж на екстремни услови во затвор е бесмислено, бидејќи е условно и може да се смени по проценка на американските власти.
Адвокатите не знаат кога Врховниот суд ќе донесе одлука , но не очекуваат тоа да биде до третата недела од јануари, се вели во соопштението на Стела Морис, свршеницата на Асанж.
Во декември, судот во Лондон пресуди дека Асанж може да биде екстрадиран во САД иако претходно, британскиот суд тврдеше дека Асанж не може да биде екстрадиран, со објаснување дека е изложен на ризик од самоубиство и самоповредување поради неговата психичка состојба додека бил во британски затвор.
Одлуката беше поништена од Врховниот суд во Лондон, откако Соединетите Американски Држави ја уверија Британија дека нема да го подложи на најстрогите затворски услови.
Соединетите Американски Држави го обвинија Асанж за заговор за хакирање владини компјутери и кршење на Законот за шпионажа откако Викиликс објави голем број доверливи воени и дипломатски документи во 2010 година.
Тој се соочува со 18 обвиненија во САД.
Асанж живееше со години во амбасадата на Еквадор во Лондон, но Еквадор ја повлече „заштитата“ и тој беше насилно отстранет од амбасадата и уапсен во април 2019 година.






