„Сè што му припаѓа на минатото завршува во музејот, а заедничката иднина е одраз на правилниот пристап кон минатото. Но, иднината во никој случај не може да се стави во музеј! Погрешно е погледите да се држат цело време врз ретровизорите на историјата, политичкиот процес да се префрла во катакомбите на историјата. Предимство треба да им се даде на економијата, туризмот, транспортот, културата, науката, а не на жешките теми од историјата, кои треба да поминат низ бавен процес на оценување и вреднување на минатото низ оптиката на евроатлантската перспектива.“ – вели проф.д-р Скендер Асани, научен советник и директор на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје, во својата колумна со наслов „Иднината не може да се внесе во музеј!“, која ја објавија весникот „Лајм“ и други медиуми на албански јазик.
Асани пишува: „Бугарија и с.Македонија Македонија и Бугарија треба час поскоро да ја вратат агендата на меѓусебно разбирање во политички процес, кој би отворил перспективи за многу заеднички прашања од областа на економијата, туризмот, енергетиката, културната размена итн. Ако надминувањето на ќорсокакот меѓу Бугарија и с.Македонија се гледа исклучиво низ призмата на историските спорови и кавги, тогаш односите меѓу двете земји тешко дека ќе постигнат напредок и заедничката иднина на двата народа ќе биде погребана некаде во минатите векови. Има повеќе работи што ги зближуваат Бугарија и Македонија отколку што ги раздвојуваат.“
„Затоа, наместо да ги унапредуваат заедничките работи и тие да задобијат нова димензија на меѓусебно разбирање, Скопје и Софија претпочитаат цело време да ги држат погледите во ретровизорите на историјата. Но и ова го прават погрешно, бидејќи не успеаја изнајдат обединувачка формула, која ќе им понуди компромис и напредок од нулта позиција. Сепак, Софија и Скопје, на пример, не најдоа заеднички јазик во однос на третманот на холокаустот врз Евреите – многу деликатно прашање кое бара професионален пристап и граѓанска храброст. Всушност, Бугарија и с.Македонија може да се согласат да го препуштат ова прашање на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА) да го реши, под услов и двете овие држави да ги прифатат препораките на оваа кредибилна организација, кои ќе бидат вклучени во конечниот меморандум за разбирање на двете земји.“
„Долго време се зборува за општ мир на Балканот, но се чини дека на политичките олигархии им одговара непроменетата ситуација, коим потпомогнати од антизападните сили, главно од Москва, измислија секакви пречки за да го сопрат евроинтеграцискиот процес. Затоа, с.Македонија и Бугарија не смеат да ги следат овие лоши модели на надминување на регионалните проблеми, Перспективата на овие две земји треба да биде европска и да биде изградена врз основа на заеднички интереси, а не врз ‘рудниците’ и копањата во минатото, кои можат да ги уништат мостовите на иднината.“
„Една од тие пречки е префрлањето на политичкиот процес во катакомбите на историјата, како што се случува моментно и во нерешениот спор меѓу с.Македонија и Бугарија. Бугарија сè уште не го укинала ветото за почеток на преговорите за членство во ЕУ со с.Македонија, додека официјално Скопје погрешно се повикува на историјата и на чисто етничките прашања, како што е предлогот Бугарите да се вклучат во Уставот, или идејата за заеднички церемонии во одбележувањето настани од историското минато. Овие и други прашања можат да произведат домино – ефекти и да ги поттикнат екстремистичките политички струи да бараат заемност, реципроцитет во секој предлог.“
„Затоа, овие жешки прашања треба да се остават и да задобијат друга динамика на решавање, тогаш кога нивото на меѓусебната доверба би било на својот врв. Овие идеи, наместо да понудат решенија, уште повеќе го блокираат процесот на намалување на напнатоста во односите меѓу двете земји, па Бугарија и с.Македонија треба час поскоро да изготват нов мастер-план за соработка каде што приоритет ќе се даде на теми од економијата, туризмот, транспортот, културата, науката, а не на жешките теми од историјата, кои треба да поминат низ бавен процес на оценување и вреднување на минатото низ оптиката на евроатлантската перспектива.“
„Погрешна е идејата дека сите овие отворени проблеми треба да се стават во одредена временска рамка за да се решат. Секоја рамка му наштетува на приближувањето, временските ограничувања мора да се отстранат од дипломатскиот речник на двете земји, за да не биде иднината заложник на минатото. Сè што му припаѓа на минатото завршува во музејот, а заедничката иднина е одраз на правилниот пристап кон минатото. Но, иднината во никој случај не може да се стави во музеј!“ – заклучува Скендер Асани во својата колумна.
Инаку, додека од една страна препорачува и за Македонците „погледите да не се држат сето време врз ретровизорите на историјата“, „политичкиот процес да не се префрла во катакомбите на историјата, „сè што му припаѓа на минатото да заврши во музејот“ и оти „рудниците’ и копањата во минатото можат да ги уништат мостовите на иднината“, од друга страна Скендер Асани, кој е доктор за историјата на Албанците, за Албанците има сосема поинакви ставови. Така, во едно истапување во јавноста во мај 2019 година Асани ќе истакне: „Албанците треба да учат од својата историја и минато, за да потоа се изгради иднината. Треба да се чуваат колективните историски прашања.“ Д-р Асани активно ја студира историјата на Албанците, движејќи се и по 600 и повеќе години наназад и ја „вади на површината“, сосема спротивно на неговиот став што се однесува до македонската историја и минато оти „треба да се стават во музејот“.





