Артан Груби ја повика дијаспората да се самопопише

Првиот вицепремиер Артан Груби преку Фејсбук ги повика иселениците да се мобилизираат и да се самопопишат во што поголем број, пренесе Фактор. 



Тој даде инструкции како да се самопопишат, и да ја споделат информацијата со своите семејства. 

„Ве молам за максимална свест и мобилизација. Споделете и известете го семејството“, пишува Груби.

Првата фаза статистичката операција почнува утре со попис на иселениците, кој ќе трае 50 дена, односно од први март па се до 21 април до кога ќе трае и официјалниот дел од пописот.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека за целиот овој период ќе биде спроведувана кампања за мотивирање на нашите иселеници да се попишат, а за тоа деновиве тој имал и онлајн разговори со нашите амбасадори и конзули.

Податоците од пописот, рече Османи во иднина ќе бидат од голема важност за да им се помогне на нашите иселеници во местата каде што во моментот живеат.