Власта повторно тајно, шверцерски, во нивни стил, ја зголеми акцизата за дел од горивата и тоа директно на трошок и на грб на граѓаните, обвини вчера портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, по последното зголемување на цената на дизел горивото за 3,5 денари.
„Регулаторната комисија, акцизата за литар дизел ја покачи од 15,50 денари по литар, на 17,50 денари по литар. Ова значи дека дизелот поскапува два денари само по основ на покачената акциза од страна на Владата.
Од ова произлегува дека последното покачување на цената на дизел горивото во најголем дел се должи на оваа разлика, која треба да завршува директно во буџетот на државата и внимавајте да ги полни дупките на Владата која што ги направи во буџетот единствено со крадење на парите на граѓаните.
Со последната одлука на Регулаторната цената на дизелот стаса до 63,5 денари по литар што е покачување од 13 денари споредено со цената пред четири години кога СДСМ доаѓаше на власт.
Мораме да напоменеме, ваквото поскапување на дизел горивата заради покачената акциза, не е поврзано со најавената „зелена такса“, која што Владата ја најави, која кога ќе се донесе дополнително ќе ги поскапи горивата од 4,13 денари по литар“, вели Арсовски.







