„Македонија треба мудро да ја води својата надворешна политика, користејќи ги сите можности, што ги нуди меѓународното право за достоинствена заштита на националните интереси.“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Со меѓународното право против притисоците и уцените“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Павловска пишува: „Во актуелниот сложен меѓународен политичко-безбедносен контекст, создаден од руско-украинскиот судир, повторно се нагласуваат парадоксите и двојните стандарди, според кои функционира меѓународната политика. Наспроти искажаните принципи на меѓународното право, главно вградени во основите на сериозните меѓународни организации, во реалното практикување на политиката се чини дека се прифатени „пазарските манири“ на тргување со интереси од страна на моќните, па и помалку моќните чинители на меѓународната заедница, па и во кризни ситуации.“
„Најавите за вето на апликациите за членство во НАТО на Шведска и на Финска од страна на Турција (но и од хрватскиот претседател Пленковиќ) повторно ја активираа дилемата за приоритетите во меѓународното функционирање на државите: изборот меѓу националниот интерес, или заедничката цел, вредностите на ‘пошироката слика’ и принципите на меѓународното право?“
„Македонија речиси секогаш е жртва на двојните стандарди во функционирањето на меѓународната заедница. Уцените и пазарењата врз нејзин грб, на сметка на прекршување на меѓународното право, сѐ погласно ги обликуваат сомнежите за вистинските вредности врз кои почиваат големите и моќни меѓународни организации кога допуштаат таков пазарџиски менталитет, наместо почитување критериуми и стандарди.“
„Земјите, кои што се повикуваат на својата долгогодишна државна традиција, не се откажуваат од своите позиции, стекнатата или наследена моќ и влијанието, за да ги остварат сопствените интереси. Турција се потпира на сите аргументи на нејзината државност, првенствено за постигнување и одбрана на своите интереси, пред интересите на целиот НАТО-сојуз и покажува став за приоритет на својот национален интерес. Во споредба со ваквите ставови на земји-членки на НАТО Македонија на чуден начин ја спроведува својата надворешна политика. Избрзано, први даваме согласност за секој политички потег на НАТО, па и на ЕУ (иако сѐ уште не сме членка), без размислување дали во одредена ситуација можеме да „’одиграме’ за некој наш национален интерес. Премногу брзаме со пројавувањето послушност.’ – вели поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски.“
„Грижата за сопствените национални интереси во меѓународната политика, дури и за малите држави, сепак не значи изигрување или непочитување на меѓународното право. Мудрото водење надворешна политика подразбира користење на сите можности што ги нуди меѓународното право за достоинствена заштита на националните интереси.“
„Единственото орудие на малите земји како Македонија е држење до меѓународното право и меѓународните институции. Македонија нема моќ да наметнува своја игра.’ – нагласува Ивица Боцевски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции на Македонија.“
Интернет-врска до целата анализа:
Home Македонија Арсовски: „РМ води надворешна политика избрзано и послушнички, не штитејќи ги националните...





