Поранешниот и прв македонски амбасадор во Грција, Љупчо Арсовски, изразува чудење од одговорот на Македонија на бугарското вето за преговорите со ЕУ.
На прашањето дали македонската дипломатија стори се за да биде одбегната блокадата од Бугарија за почеток на преговори со ЕУ, Арсовски вели дека Македонија имала задоцнет и „многу чуден“ одговор на бугарското вето.
„Додека кај нас се бруеше дека е готово одржувањето на првиот меѓувладин состанок со Европската унија, со датуми и часови, во Бугарија неколку месеци претходно парламентот ја донесе таа позната декларација – документ на Собранието. Врз основа на тој документ, Владата на Бугарија изготви меморандум кој им го подели на земјите на ЕУ. Ние дознавме дента кога тој почна да се дели“, вели Арсовски во интервју за Радио Слободна Европа.
„Бугарија настојува сите работи кои ние едноставно ги премолчуваме, да ги третира како напад. Новинарски или било кој коментар се третира како напад врз Бугарија, како напад врз политиката. Такви работи има во целиот свет, такви работи имаше и во Грција кога бев амбасадор. Новинари пишуваат, а тоа не е став на државата, тоа не е став кој го дава Владата, а овде имате изјави на актуелен министер за одбрана и на актуелен министер за надворешни работи“, вели Арсовски.
- Тој додава дека со тоа што бугарските власти бараат свое малцинство во Албанија и во други земји каде има македонско малцинство, е поради тоа што сметаат дека нивната санстефанска Бугарија граничи со тој регион, вели Арсовски.
„Кој не го разбра тоа, не може да ги сфати и настапите на бугарската дипломатија, со подароци, со делење на бугарски државјанства, ветувања за пасоши и т.н. Сето тоа се елементи кои ви ја даваат точно сликата за актуелната состојбата меѓу двете земји, која не може така лесно да се реши“, вели Арсовски.






