„Интензивирањето на преговорите со Бугарија и зачестените средби меѓу работните групи од двете земји сигнализираат за нова засилена динамика, со цел да се откочи бугарското вето и да започнат преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Додека во јавноста засега дозирано се пласираат одредени пробни балони, очигледно во заднина теренот сериозно се подготвува за некаков договор, со кој конечно ќе се одблокираат пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Меѓународното право – наша најмоќна гаранција“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„МОЖЕ ЛИ ЕВРОПСКАТА УНИЈА ДА БИДЕ ГАРАНТ НА ЕВЕНТУАЛНИОТ ИДЕН ДОГОВОР СО БУГАРИЈА?“
Таневски пишува: „Она што посебно паѓа во очи во контекст на најновите случувања и интензивираниот дијалог меѓу Македонија и Бугарија се споменувањето и барањето некакви гаранции. Притоа се посочува или се бара од Брисел, односно од Европската Унија, да се стави во улога на некаков гарант на тоа што би го договориле двете земји
Токму тајноста на целиот процес и сегментите за кои се преговара внесуваат загриженост кај македонската јавност, која, по лошото искуство со Преспанската спогодба, сега отворено се прашува: дали државата ќе ја повтори истата грешка, односно ќе направи нови отстапки, дополнително ќе се обезличи и повторно ќе остане блокирана и извисена?“
„ЕУ ги погази сите досега дадени гаранции“
„Ако се оди според досегашното однесување на официјален Брисел, тогаш клучно прашање е: какви гаранции може да добие Македонија од Унијата во врска со заштитата на идентитетот, јазикот, посебноста на македонскиот народ, историјата и нашата антифашистичка борба како земја што беше на страна на сојузниците? Од друга страна, и Бугарија бара гаранции од ЕУ дека Македонија ќе го спроведе она што ќе го договорат Скопје и Софија, така што повторно тасот на терезијата е на бугарска страна бидејќи источниот сосед е членка на ЕУ, а ние не сме. Па, разбирливо е Брисел за чии гаранции повеќе ќе се залага и на кои ќе инсистира.“
„Интересите на државата секогаш на прво место“
„Проблемот со почитувањето на гаранциите не треба да се бара само во Брисел, туку и дома, особено ако се има предвид дека македонската страна досега во неколку наврати самата ги занемари, па дури и целосно ги поништи претходно силно изразените меѓународни гаранции. Најеклатантен пример за тоа е промената на уставното име на државата и потпишувањето на Преспанската спогодба. Република Македонија беше признаена под своето уставно име од речиси 140 држави, меѓу кои и од три постојани членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, Русија, Кина и САД. Таквиот чин на признавање беше силно изразена меѓународна гаранција за нашето уставно име. Но, без оглед на ваквите гаранции и признанија, Македонија сепак одлучи да ги погази ваквите придобивки и се согласи на промена на името со придодавање географска одредница за да стане полноправна членка на НАТО и да ги почне пристапните преговори со ЕУ.“
„Во моментов Македонија има силна гаранција во Обединетите нации и документирани факти со кои македонскиот јазик е признаен светски јазик и тоа не можеше да го оспори ниту Грција, без оглед на обидите што ги правеше за време на преговорите. Единствено што може да го наруши овој документ е само ако македонската страна влезе во стапицата на Софија и почне да преговара за јазикот, со што самата ќе си ја загрози гаранцијата дадена од ОН.“
„Од тие причини може да се разбере и недовербата кај македонската јавност, која не се согласува јазикот, идентитетот и историјата да бидат тема на какви било преговори меѓу Македонија и Бугарија, ниту, пак, да се наоѓаат некакви формулации за нив, кои подоцна можат да предизвикаат сериозни идентитетски нарушувања и обезличување на карактерот на државата. Најдобар доказ за такви аномалии е засилената употреба на термините ‘северномакедонци’ и ‘северномакедонски јазик’ по потпишувањето на Преспанската спогодба, каде што, иако се тврдеше дека станува збор само за промена на името, без да се допира во идентитетот и јазикот на македонскиот народ, сепак новата ситуација создаваше нови моменти, со кои Македонија на меѓународен план сè потешко се справува.“
„Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски вели дека е најдобро во овој момент Македонија да не се брза, ниту со Бугарија, ниту со ЕУ. ‘Не е толку итен почетокот на преговорите во овој момент, кои и онака ќе траат од 15 до 20 години. Подобро да се расчисти целата оваа кризна состојба на Балканот и околината, па потоа да размислуваме за преговорите. Која е цената да избрзаме сега, за да преговараме со ЕУ? Нема потреба од брзање и гаранции, кои никој не ги спроведува.’– нагласува Арсовски.“
Интернет – врска до целата анализа:





