Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, денеска реагираше на статусот на Ивица Коневски кој побара „промени“ во ВМРО-ДПМНЕ и наведе дека поранешниот градоначалник на Аеродром сака да биде секретар на најголемата опозициска партија – кога истата би ја превземале.
„Добро е што Ивица Коневски излезе со став, инаку сликата на печалбар од ВМРО-ДПМНЕ не би била потполна.
Очигледно адвокатурата му иде толку лошо, што сега има желба да менува професија и да се враќа во политика, каде што пак последните години од кариера му идеше уште полошо од адвокатурата сега’.
Работава испаѓа – Не умри магаре до зелена трева.
И не треба никој да се труди да пишува имиња и презимиња околу печалбарите, сами ќе се јават сите.
Е сега малку околу суштината, овие луѓе кои бараат смена на Претседателот Христијан Мицкоски се всушност неславниот багаж кој ВМРО-ДПМНЕ го влечеше како тег во пропаст, а потајно се молеа и работеа да победи СДСМ и на референдумот и на изборите.
Сметам јас, а и целото членство, дека е време тој багаж да се истовари, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од тие ликови кои кога велат промени, мислат на тоа – тие да ја управуваат партијата која и тогаш и сега ја гледаат како ДООЕЛ за пари и бизнис. А, слушам веќе и функции си поделиле, па Ивица ќе бил секретар“, напиша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ во дел од својот статус на Фејсбук.
Коневески претходно на Фејсбук побара реформи во партијата и промена на политиката која ја води партискиот врв. Со слични ставови се јавија Никола Попоски, Сашо Мијалков и Никола Тодоров.






