Претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска, предупредува дека доколку продолжи праксата дневно-политичките несогласувања да го креираат начинот на живот и да влијаат негативно на секојдневието, наместо да се посветат на позитивни мерки за раст, за очекување е приватниот сектор да се соочи со тешка 2020.
„Без основни постулати за подобрување на деловното опкружување ќе нема ниту подобри услови за работа, ни за живот во Македонија.
Првиот постулат, поврзан и со претстојните избори и со она што не очекува во 2020-та, е сите чинители да се посветат на минимизирање на поларизацијата во општеството. На стопанството и на граѓаните им се потребни позитивни кампањи, со минимални дневно-политички несогласувања, чинителите да изнајдат компромис за клучните прашања за националниот просперитет и да се посветат кон забрзан економски развој.
Вториот е реализација на ветеното. Предизборно сите ветуваат мерки и подобри услови, но малку од тоа се реализира со внесување конкретни чекори во програмите. што значи и работа базирана на флоскули, наместо на конкретни чекори со конкретни резултати.
Третиот постулат, додава, се однесува на честото менување на законите. „Нема оправданост во донесување на законите без консултација со стопанството, поточно без оние кои треба да ги применуваат конкретните закони. Тоа води кон импровизирање … Според препораките на Советот на Европа, со наше учество како засегнати страни во самото драфтирање на законите може да се изготви квалитетна, применлива и функционална“ вели Арсовска.
Претседателката на ССК вели дека приоритет и во 2020 треба да биде интензивирање на борбата со нерегистрираните бизниси од сивата економија, која во моментов е над 37 проценти од вкупната економија.





