Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска е разрешена од претседателската функција во Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Одлуката е донесена со 14 гласови „за“, од вкупно 17 членови на Управниот одбор.
Арсовска ја вршеше челната функција во ЗЕЛС откако беше избрана на 22 декември 2021 година.
Разрешувањето на Арсовска е по иницијатива на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, со прекинот на коалицијата со Арсовска – тие немаат претставник во претседателството на ЗЕЛС.
На нејзино место е назначен градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.
Веднаш по седницата на ЗЕЛС, од кабинетот на Арсовска соопштија дека со тоа што градоначалничката била разрешена се покажала коалицијата помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е само последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси. На постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе кои се независни и делуваат исклучително во интерес на граѓаните. На СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ очигледно му пречат луѓе кои знаат да кажат не на корупцијата и криминалот, луѓе кои јавниот го ставаат пред бизнис интересот на врхушката во партиите“, стои во соопштението од кабинетот на Арсовска, пренесе СДК.






