Според првите неофицијални резултати на Државната изборна комисија, опозицијата однесе уверлива победа на локалните избори во Македонија, а независната кандидатка поддржана од неа, Данела Арсовска, на изборите за градоначалник на Скопје.
По 95 проценти изброени гласови, Арсовска има над 27 илјади гласови повеќе од досегашниот прв човек на главниот град Петре Шилегов.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, пак, во вториот круг доби уште 20 градоначалник, заедно со 22 од првиот вкупно 42, а СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ денеска додаде 7 градоначалници на 9 од првиот круг или вкупно 16.
Во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ неофицијално победи во Битола, Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Охрид, Пехчево, Радовиш, Ранковце, Ресен и Чешиново-Облешево, а СДСМ во Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане, Центар, Чашка и Чучер-Сандево.
ДУИ освои 12 општини вкупно, независните кандидати 3, а по една БЕСА, ГРОМ, ДПА, Алијанса за Албанците/Алтернатива, ЛДП/ДОМ.






