Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска попладнево на социјалните мрежи напиша дека пожарот кај поранешната фабрика „Треска“, според индициите, најверојатно е подметнат.
„Големиот пожар во кругот на поранешната фабрика Треска е локализиран. Целата противпожарна бригада, 55 пожарникари работеа посветено цели два часа да го локализираат, да го изгаснат овој пожар. Во текот на изминатите два часа сме тука и од индициите што ги имаме се работи за пожар што е отпочнат овде, со сомненија дека е подметнат. Информација што ја добивме од околните жители е дека виделе дека лица на овој потег непосредно пред пожарот и дека во повеќе наврати се случуваат пожари на овој потег“, напиша Арсовска.
Градоначалничката ги повика и институциите да преземат се што е во нивна надлежност, за да не се дозволи луѓето да бидат во опасност.
„Станува збор за објект, кој е дел од постапка на стечај, има стечаен управител и веруваме дека во најкраток можен рок треба надлежните институции да преземат мерки, да разговараат и да се превенира ова што се случува на оваа локација. Важно е да се заштитат граѓаните, особено имајќи предвид дека се работи за исклучително голем број околни станбени куќи и деловни објекти што беа денеска загрозени со овој пожар“, се додава во објавата на Арсовска.





