Градоначалничката Данела Арсовска речиси 4 месеци не се појавила на седница на Советот на Град Скопје, вели Гордан Шутаров, од групата на социјалдемократите, според кој ова е пречка за воспоставување комуникација и однос каков што доликува на скопските градски власти.
Шутаров вели дека подолг период Арсовска воопшто не присуствува на седниците посветени на прашања од советниците кои, како што додава, се директен одраз на волјата на граѓаните.
Нејзиното постојано образложение е дека ќе доставела писмен одговор.
„Јас лично од досега поставени 21 прашање и 21 потпрашање на седница на Совет за советнички прашања имам вкупно добиено само еден одговор, писмен. Во тој одговор паушално се наведуваат „во тек е постапката“ и „ќе бидете известени за дополнителни преземени активности“, што не е случај и не сме известени за дополнителни преземени активности.
Околу гласините за формирање нова политичка партија на чие чело би застанала Арсовска, Шутаров вели:
„Не гледам како тоа може да се одрази на функционирањето на Град Скопје, освен доколку Арсовска има поголеми политички амбиции и аспирации од градоначалник на Град Скопје и доколку планира во пресрет на наредните парламентарни избори да биде кандидат или носител на определена листа. Да, тоа би значело дека во Градот Скопје ќе имаме нови вонредни избори за градоначалник“, додава Шутаров.
Наспроти ова, Арсовска континуирано обвинува дека Советот не дава поддршка за нејзините проекти. Netpress.com.mk.







