Градоначалничката Данела Арсовска тврди дека распишала јавен повик за предновогодишно украсување на Градот, но досега никој го нема видено ниту повикот, ниту склучениот договор.



Финансиската полиција во понеделник влегува во Град Скопје за да провери колку пари се потрошени за украсувањето на главниот град и која фирма ги добила парите, потврди директорот Иванов.

Арсовска за Сител изјави дека китењето чини 30 илјади евра, но одби да каже кој украсува за таа сума.

„Јас не би коментирала повеќе, само ќе ви кажам дека повикани се јавните институции. Ќе си дојдат, ќе си проверат. Тоа не го прави градоначалникот, туку го прави соодветна комисија во Градот Скопје и дека доколку било кој смета дека 300 илјади евра е сумата која треба да се плаќа на компаниите, односно да си плаќа некој на својот кум за да го кити Градот, јас мислам дека институциите треба малку посериозно да се позанимаваат со сите овие работи кои се случуваат во општеството.

Знам дека овие корумпирани политичари кои седат на фотелјите 30 години сигурно дека нема нешто што повеќе би сакале во светот, а тоа е да погрешам нешто некаде. Меѓутоа, јас не грешам“ – Данела Арсовска, Градоначалничка на Град Скопје

На веб страната на Град Скопје каде се објавени сите јавни повици, повик за новогодишно украсување нема.

Тендер за китењето нема ниту на Бирото за јавни набавки, иако според законот, за суми над илјада евра, Градот е обврзан да распише јавна набавка.

Објавен е само договор за набавка на новогодишни пакетчиња од 12 илјади евра.